- Симултаното препознавање, во дел од секундата, на важноста на настанот и прецизното организирање на формите го создава правилното прикаување на тој настан. во фотографијата дури и најмалата работа може да биде голем субјект. Малиот човечки детал може да прерасне во лајтмотив - Анри Картие Бресон.
Дефиницијата на фотографијата и нарација на фотографската приказна на 20 век не може да не се разгледува преку решителниот момент. Овој револуционерен пристап во фотографијата му припаѓа на францускиот мајстор на фотографија, Анри Картие-Бресон. Тој е образуван како сликар, но фотоапаратот му станува пасија поради поголемата мобилност и флексибилност во ракувањето. Самиот за тоа вели: За мене камерата е блок за скицирање, инструмент на спонтаноста и интуицијата, господар на моментот, кој во визуелна смисла веднаш поставува прашање и веднаш го дава одговорот. Со цел да се даде значење на светот, човек треба да се почувствува дека е сочесник низ процесот на барањето на вистинскиот кадар низ окуларот. Таквиот однос бара концентрација, дисциплина на мозокот, осетливост и осет за геометрија. На тој начин ги видел, а со фотоапаратот и ги снимил убавините на Африка во 1920 година, трагичните судбини на шпанските републиканци и ослободувањето на Париз. Бресон го фотографирал Ганди само неколку часа пред да биде извршен атентат врз него, а ја следел и победата на комунистите во Кина. Тој е сведок на најважните случувања во минатиот век. Анри Картие Бресон е роден во Шантелоп, Франција на 22 август 1908 година. Како дете започнал да фотографира со Бокс Брауни фото-апарат што но го користел главно за фотографии од годишните одмори. Интересот за уметноста го натерал да се занимава со сликарство, а посериозно започнал да фотографира на 22 госдишна возраст односно во 1931 година. Сликарското искуство му помогнало да развие око кое на суптилен и сензитивен начин ја перцепира идеалната композиција, што е една од неговите карактеристики како фотограф. Стариот фотоапарат Бокс брауни го заменил со 35 милиметарска Лајка, која после останува негов заштитен знак. Речиси секогаш користел 50мм објектив. За да биде помалку забележителен, хромираното тело на апаратот го обвиткувал со црн селотејп. Таквиот стелт стил на снимање го задржал во целиот негов живот. Благодарение на тоа за Бресон често се вели дека е неприкосновен мајстор на спонтаната фотографија каде фотографираниот не го забележува присуството на фотографот. Во прилог на тоа одат и малите димензии на Лајка фотоапаратот. Неговиот начин на фотографирање бил инспирација и основа за денешната таканаречена "улична фотографија", а неговите дела се уште се проучуваат на школите за фотографија и фото-новинарство. Тој користел само црно бел филм, а никогаш не користел блиц или други дополнителни светла, бидејќи сметал дека ја расипува убавината на фотографијата. Анри Картие Бресон почина на 95 годишна возраст, а зад себе оставил безброј документарни филмови и воодушевувачки фотографии.
|