Фотографирањето на ѕвездените траги од техничка гледна точка е многу едноставно кога ќе се исполнат условите за тоа: целосен мрак, чисто небо без облаци, млада и или полумесечина (полна месечина не е пожелно да биде во кадарот) и многу е важно снимањето на ноќното небо да не биде во близина на град за да се избегне амбиенталната светлина на градот (фотозагадувањето).
Од композициска гледна точка има два важни моменти во снимањето на ѕвездени траги: интересен објект за снимање и правецот на трагите. Ако ја користиме ѕвездата северница за ориентација на фотоапаратот, ќе добиеме ефект каде ѕвездите се вртат околу неа, истиот ефект ќе се добие доколку фотоапаратот е насочен и кон југ
Снимил: Мире Славејков
Должината на трагите пак, зависи од времето на експонирање. Колку подолго време експонираме, толку подолги ќе бидат трагите на ѕвездите преку небото.
Блендата и осетливоста на филмот ја контролираат осветленоста на небото, во овие случаи е пожелно да се користи некој понеосетлив филм (100 или 50 ИСО), побрзите филмови нема да придонесат за поквалитетна фотографија затоа што во овој случај е важно времето на експонирање а не количеството на светлина кое ќе падне врз филмот/сензорот.
Побрзите филмови се со позрнеста структура и можат да го расипат изгледот на трагите.
|
Автор: Андон Давчев, 22.05.2006 |