Њутн е роден во Берлин во 1920 година како син на богат сопственик на фабрика за копчиња. Поради неговата мајка - американка посетувал Американско школо во Берлин но, оттаму бил избркан бидејќи повеќе се интересирал за фотографија, базени и девојки отколку за учење. Уште од мал учел занает и работел со германскиот фотограф Елсе Симон. На осумнаесет години ја напушта Германија и краток период работел како фотограф во Сингапур за весникот Стреитс тајмс. Оттаму бил избркан по само две недели работа, со образложение дека е неспособен. Татко му по тоа прашање се изјаснил: Сине, ти еден ден ќе завршиш како питач. Тебе единствено жените и фотографијата ти се на памет. За второто бил целосно во право. Во 1940 година служи во австралиската армија и таму останува до крајот на втората светска војна како логистичар. По војната почнал да работи како моден фриленсер и повремено работел за списанија како Плејбој. Од 1950 година тој целосно се посветува на модната фотографија. Во 1962 година се сели во Париз каде почнува да работи за разни магазини, но се стабилизира во францускиот Вог. За списанието работел четврт век, а потоа го отстапил своето место на помладите фотографи. Паралелно со работата во сите изданија на Вог, Њутн работи и за Линеа италиана Ел, Плејбој и секако германскиот Стерн. Хелмут Њутн станува популарен по специфичниот стил што го развива, каде доминираат стилските и еротски сцени често со садо - мазохистички, и фетишистички контекст. Инфарктот што го доживеал во 1970 година малку го оттргнал од работата, но набргу се враќа и станува уште пославен. Тоа особено се забележува по издавањето на серијата "Биг Нудес" што представува врв на неговиот еротско - урбан стил пропратен со одлична фото - лабораториска техника. За себеси Њутн вели дека е површен, и дека неговите фотографии воопшто немаат некоја длабочина. Добриот вкус е анти - модата, анти-фотографијата, анти - жената и анти еротизмот. Вулгарноста е живот, забава и потреба за екстремни реакции. Иако неговиот еротицизам е површен и доведен до екстрем, пластичноста на неговите дела е неверојатна - ќе рече еден критичар. Хелмут Њутн на 83 годишна возраст, загинува во сообраќајна несреќа во Холивуд во 2004 година. Повеќе од половина век неговите фотографии ги красеа насловните страници на најпознатите модни списанија и се уште живеат.
|
Автор: Андон Давчев, 28.05.2006 |