Фотографијата е моќен медиум. Со неа се води војна, се менуваат животи, се раскажуваат приказни и се запишува историјата.
"Генералот го уби Виетконговецот; јас го убив генералот со мојата камера. Фотографиите се најмоќното оружје во светот. Луѓето веруваат во нив, но фотографиите лажат, дури и без манипулација. Тие се само половични вистини. Она што фотографијата не го кажува е: Како би постапиле вие доколку сте на местото на генералот на тој жежок ден и само што сте го фатиле убиецот на неколку ваши соборци?"
Фотографијата на Виетнамскиот генерал Лоан кој егзекутира безимен војник на Виетконг, претставува икона на фотоновинарството и документарната фотографија на 20 век. Оваа фотографија имала најголемо влијание на американската јавност во градењето на ставот околу војната во Виетнам, и бесповратно го сменила животот на и на Еди и на генералот Лоан.
На Еди Адамс таа фотографија му ја донесе Пулицеровата награда, а на Виетнамскиот генерал - имиџот на убиец.
Адамс подоцна му се извинил на генералот Лоан и на неговата фамилија за неповратната штета што му ја направил на неговата чест, но генералот објаснил дека и двајцата си ја вршеле својата работа и тука нема потреба од чувство на вина или дополнително извинување. И обајцата останале блиски доживотни пријатели
Сепак, Еди Адамс во повеќе наврати ќе изјави дека повеќе би сакал да стане познат по серијата фотографии за 48 виетнамски бегалци кој успеале да допловат до Тајланд со мало бротче, за набргу да бидат одвлечени назад на отвореното море од Тајландската морнарица. Серијалот и придружните репортажи го убедиле претседателот Џими Картер, да им одобри азил на повеќе од 200,000 виетнамци. Адамс на тоа додал дека таа фотографија направила позитивни работи и никој не почувствувал негативни последици од неа.
Фотографијата од егзекуцијата никогаш не била изложена на ниту една изложба.
Еди Адамс во својата кариера следел 13 војни, почнувајќи од Кореја во пеесетите години на минатиот век, па се до Кувајт во 1991 година.
Сепак, тој бил многу повеќе од обичен воен фотограф, во периодите на затишје, фотографирал корпоративна фотогафија, фотографии за насловни страни на разни списанија, модна фотографија, забавна и адвертајзинг фотографија. Пред неговиот објектив поминале Роналд Реган, Фидел Кастро, Папата Јован Павле 2, Клинт Иствуд, Џери Луис и Луис Армстронг. Делата на Адамс биле објавувани во магазините како: Тајм, Вог и Ванити Фер.
Иако е добитник на повеќе награди за своите фотографии, посебно се гордеел затоа што неговите фотографии ги мотивираат луѓето да сменат нешто во општеството, како во случајот со азилот на виетнамските бегалци и моќната фотографија Боат оф но смилес (Брод без насмевки).
Кариерата на Еди Адамс започнала додека бил во средно училиште кога фотографирал свадби за 20 долари. Најголемите успеси ги доживеал како фотограф на Асошиејтед прес, и во магазините Тајм и Парада каде објавил повеќе од 350 фотографии од кои повеќето насловни приказни на списанието. Умира во 2004 година, но неговио дух живее преку неговата фото - новинарска работилница (Барнсторм: Тхе Еддие Адамс Њорксхоп) што се одржува секоја година.
|
Автор: Андон Давчев, 05.12.2006 |