|
|
|
|
|
Тонови и нивен распоред
Во линеарната композиција важни се контурите, силуетите и цртежот што го створаат линиите. На повеќето фотографии елементите (цртежот) е исполнет со тонови со разна густина, од најтемно, преку сиви тонови па до белина каква мозе да даде само баритната подлога на фото-хартијата. На фотографиите и нивните делови честопати цртежот не е јасно ограничен, туку тоновите се претопуваат едни во други, пример за тоа се тоновите на лицата на луѓето на портретните фотографии.
Распоредот на тоновите на фотографијата се нарекува тонална композиција. Тоновите на фотографијата ги ствараат сребрените зрнца, без оглед на тоа дали се во црн, сино-црн или со постапка на тонирање преведени во каков било друг тон. Густината на тоновите на фотографијата ја сочинуваат боите и светлините од природата, преведени во разни монохроматски вредности. Документарните и техничките фотографии бараат богатство на тонови, т.е. што поисправен пренос на боите во тонови како што ги разликува нашето око според осветленоста.
Дејство на тонови: Тоновите делуваат на карактерот на мотивот и на крајниот изглед на фотографијата. На некоја фотографија богата со тонови, во прв ред бараме складност, добар меѓусебен однос, распоред според значењето и балансираност, дури на крај го проверуваме исправниот однос на боите во тонови.
- Нормален изглед има фотографија на која скалата на тонови е богата , т.е. кога меѓу црното и белото постои низ од тонови со разна густина.
- Контрастен изглед има фотографија со голема разлика помеѓу црното и белото, значи кога скалата на тонови е помала, или пак има малку сиви тонови, па фотографијата според својот изглед е поблиска до графика. На контрастните слики се губи чувството на простор.
- Мек и едноличен изглед има фотографија на која преовладуваат сиви тонови без јасна црна и бела боја. Целосниот изглед на таквата фотографија може да бида монотон и рамен, без контраст и живост.
Светли тонови: Овие тонови општо доловуваат леснотија, светлото е одраз на младост и веселба, се што е младо, ведро и живо треба да се прикаже на светла фотографија. На светлите фотографии мора да има малку сосема темен тон исто како и на темнате што мора да има малку сосема светли тонови, затоа што фотографијата нема да има свежина и ќе делува тонално еднострано и неуедначено (техники High-key и Low-key).
- Светлата фотографија мора да содржи смислен распоред како на темни точки и површини, така и на светли точки и површини на сликата. Овие мораат да останата во рамката на фотографијата и да се наоѓаат на најдоброто место на површината. Не смеат да се наоѓаат до работ на сликата или да даваат впечаток дека половина од површината се наоѓа надвор од сликата, затоа што така се губи единството и затвореноста на фотографијата, затоа што погледот така лесно излегува од фотографијата. Светлите и темните тонови на сликата ќе ги распоредиме на рамнината на фотографијата така да формираат рамнотежа, баланс. Вниманието на оние што ги гледаат сликите најчесто се концентрира на местата каде најсветлиот тон се наоѓа до најтемниот, и секогаш најпрво од поголемите кон помалите површини. На границата помеѓу светлиот и темниот тон настанува брилијанца, така што тука ја осеќаме свежината, цврстината и тонскиот контраст. Светлите слики полесно се гледаат од потемните затоа што очите помалце се замараат.
- Сиви фотографии, во кои преовладуваат сиви тонови, не ги замараат очите, но и не оставаат некој поголем впечаток. Општо земено, сивото делува млитаво, лабаво и не и дава цврстина и сила на сликата. Сивата е главно дополнителен тон, но, сивите тонови до црните и белите површини даваат слика со нормален изглед.
Темни тонови: Темното на фотографија делува како тежина , се што е тешко се стреми кон долу, затоа треба да внимаваме на масите и тежината на темниот он да има цврста подлога за да не изгледа како да лебди во воздухот. На пример, темните тонови во горниот дел на фотографијата ќе даваат нелагодно чувство на притисок одозгора. Секоја тежина има тенденција на спуштање кон долу. Одовде се подразбира дека таквата фотографија нема да делува ниту урамнотежено ниту пак, стабилно. Ако е левата страна на фотографијата потемна а десната посветла, погледот лесно ќе „влезе“ во фотографијата, слично како кај читањето. Темниот тон на десната страна има за цел да го задржи погледот на сликата. Оваа техника ја користеле сликарите уште од дамнешни времиња.
- Темните фотографии потешко се гледаат и повеќе ги замараат очите од светлите. Темните тонови прилегаат кај мотиви кои прикажуваат нешто старо, мистично, загрижено, сериозно, тмурно, затоа што црнината делува како ноќ, темнина, смиреност, покој. Значи, колку повеќе темни тонови, фотографијата ќе делува помрачно и со помалку ведрина. Затоа е потребно младите луѓе да ги покажуваме во светли, а постарите луѓе во потемни тонови, постапка која аналогно се применува на сите мотиви.
Маси на тоновите: Масите на тоновите на сликата можат да бидат главни и помошни. Главните или примарни маси се оние кои според тонот на црнина, сивило и белина преовладуваат и заземаат најголем дел од површината; помошните и секундарните маси се споредни вредности, кои ја дополнуваат сликата и претставуваат рамнотежа, баланс за главната маса, Масата на главниот тон мора да најде место на површината на фотографијата според својата големина и вредност.
Масата на еден тон може да ја „отежне“ фотографијата, да и ја расипе рамнотежата и да створи делување кое му пречи на окото. Од друга страна пак, не е добро на фотографијата да има премногу светли или темни петна расфрлени низ фотографијата, затоа што на тој начин се губи единството. Колку помалце расфрлени маси на сликата, толку подобра и позатворена, поцелосна делува. Доколку на пример, предниот план на сликата е светол, а задниот темен, се добива чувство на тежина која паѓа назад, затоа честопати добар начин е личностите или предметите во предниот план на сликата да бидат потемни и да делуваат како силуети на светла позадина.
Волумен: Површината на поединечните тонови на фотографијата може да биде количински одредена. На некоја фотогтрафија или слика може да има една четвртина светли, а три четвртини темни тонови, (пример за тоа се сликите на Рембрант кај кои е пресметано дека имаат точно 7/8 темни и само 1/8 светли тонови) тоа се смета за стил на работа. За значењето на фотографијата или сликата не е сеедно колку поедини тонови зафаќаат простор, и дали се поставени во преден план, во средина или во заднина, затоа што нивниот распоред влијае и на перспективното делување во однос на длабочината.
Тонови на портретите: Тука се посебно важни тоновите, поради сличноста која треба да ја постигнеме на сликата. Зона на интерес на портретната фотографија е секогаш лицето на објектот, а точка на интерес се очите. На очите и на нивниот израз мораме да им обрнеме посебно внимание, затоа што се најважни на фотографијата.
- Светла позадина, го прави лицето на портретот потемно и се применува кај фотографирање на деца и помлади лица.
- Сива позадина, дава смирена и заокружена целина која им припаѓа на лица од средна возраст. Доживувањето на таква фотографија ќе биде мирно и пријатно за окото.
- Темната позадина и околина ја истакнува белината, и портретите делуваат поконтрастно, им прилега на постари лица.
|
Автор: Андон Давчев, 29.11.2007 |
|
|
|
|
|
|
|
|