Кога снимаме пејсажи, едена од карактеристиките што ги бараме (и ги вметнуваме во кадарот) се конвергентните линии. Кога зборувавме за перспективата спомнавме каков потенцијал имаат линиите во градењето на композицијата на фотографијата – неколку линии блиску една до друга на сликата и веќе имаме уште едно средство со кое го водиме окото на гледачот во и низ фотографијата.
Како најкласичен пример за конвергентни линии секако се фотографиите на железничките шини. Поставете се на средината помеѓу шините (откако ќе проверите дали нешто не ви доаѓа од зад грб), низ окуларот ќе ги видите двете метални шини како се оддалечуваат и привидно се приближуваат една кон друга во далечината.
Истиот ефект ќе се постигне и со фотографија од автопат, патека, ограда, скалила или било кои паралелни линии на објекти, предмети и сл. кои се оддалечуваат и конвергираат во некоја точка.
Еве неколку совети како да добиеме или да ги „засилиме“ конвергентните линии на фотографиите:
1. Позиција: Експериментирајте со местото на фотографирање, класичната снимка од шини има многу креативни можности во себе, централната снимка е само една од нив, обидете се со исчекор на страна и дијагонално распоредување на композициските линии во кадарот. Ова ќе ви даде подинамичен кадар, (иако ваквото снимање не дава добри резултати кај пејсажи со водени површини), симетријата и вертикалите на кадарот му даваат сила, но, дијагиналните линии ќе и дадат на сликата чувство на движење.
2. Широкоаголен објектив: навидум обичните конвергентни линии со примена на широкоаголните објективи добиваат поголема динамика, затоа што основна карактеристика на овие објективи е привидно да ги зголемуваат растојанијата помеѓу предниот и задниот план, а со тоа ги прават линиите подолги и подинамични. Тоа уште повеќе се истакнува доколку избереме низок агол на снимање.
3. Поставање на „конвергенцијата“ на фотографијата: Конвергентните линии на фотографијата бескомпромисно го водат окото на гледачот кон точката на конвергенција (собирање), и тоа место станува главна точка на сликата. Значи: таа точка мора да се постави на најефектното место на кадарот. Во овие случаи мора да се има на ум Златното правило, или правилото на третини. Доколку точката на конвергенција се наоѓа надвор од кадарот, линиите што го водат окото низ сликата, ќе го изнесат погледот на гледачот надвор од фотографијата и на фотографијата ќе и даваат чувство на неизбалансираност и тензија. Доколку пак, внимателно се вклопи ваквиот недостаток на точка на конвергенција на сликата со другите елементи на композицијата може да добиеме успешна фотографија.
4. Додавање на точка на интерес во точката на конвергенција, некогаш претставува успешно решение за фотографијата. На пример, доколку го почекаме возот да дојде, или да поставиме некој човек на тоа место на шините, или на врв на некои скалила, тоа може да ја засили композицијата, иако конвергентните линии, без оглед дали се прави или спирални секогаш имаат сила да ја носат фотографијата без дополнителни елементи.
Забелешка: Секое снимање на железнички шини и автопати подразбира изложување на опасност и бара големо внимание од фотографот. Брзите локомотиви и камиони немаат разбирање за творечкиот занес на фотографот, а и фото опремата е скапа...
|
Автор: Андон Давчев, 30.11.2007 |