Зошто Црно-белa фотографија?
Едно од најчестите прашања што ми ги поставуваат во врска со фотографијата се околу црно-белата фотографија, како дигитална така и онаа на филм. Иако постои една многу широко прифатена заблуда дека црно-белата фотографија е „поуметничка“ од онаа во боја, затоа што во почетоците на фотографијата црно-белата била основен вид на фотографија, а ако сакаме да бидеме искрени, првите колорни филмови во Македонија започнаа помасовно да се користат некаде во раните седумдесети години на минатиот век.( е тоа беше чудо). Сепак, црно-белата, или воопшто монохроматската фотографија има неколку очигледни предности над онаа во боја:
1. Многустраност, овој вид на фотографија може да се примени практично во секоја област на фотографијата: Портрет, пејсаж, урбан пејсаж, архитектура. Покрај тоа овој медиум се адаптира одлично на сите светлосни услови и ситуации. Фотографијата во боја, на пример функционира добро само во убави синчеви денови или убаво осветлени студија. Црно белата фотографија во услови на слаба светлина најубаво го доловува расположението на сцената.
2. Нема деконцентрација, боите со својот емотивен респонс што го предизвикуваат кај гледачот, кај некои фотографии можат да го одвлечат вниманието од објектот. Кај портретите на пример, недостатокот на боја прави субјектот да зборува сам за себе, искрено откривајќи ја вистинската личност.
3. Суптилноста на тонови што ја поседува црно-белата фотографија, знае да делува многу силно во нашиот свет навикнат на боја. Можеби „црно-бело“ звучи ограничено и досадно, но, доловувањето на илјадниците сиви тонови е вистински предизвик за секој фотограф.
4. Варијациите, во црно-белата фотографија, самиот процес на креирање и креативноста што ја нудат, некои фотографи ја споредуваат со обликување на глина. Црно-белите фотографии можат да бидат цврсти, контрастни и силни, или пак, меки, нежни и суптилни.
|
Автор: Андон Давчев, 30.11.2007 |